
Мирис на темјан и запалени свеќи викендов се шири во Крушево. Градот е жив, а истовремено и тивок. Со грутка во грлото и со насолзени очи се одбележува четвртата годишнина од смртта на македонскиот славеј Тоше Проески, кој замина во легендите. Црната слика од 16 октомври 2007 год., денот кога во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, потона во вечен сон миленикот на сите генерации, се' уште не им дава спокој на неговите обожаватели од земјава, Балканот, па и пошироко. Многу прашалници останаа по страшната несреќа, остана и уште поголема празнина. Македонија ја изгуби својата најголема ѕвезда, а неговото родно Крушево остана да се капе во солзи.
Утре (16 октомври) Македонија ќе му оддаде помен на својот миленик. Предвидени се повеќе активности, а одбележувањето ќе почне со парастос за упокој на душата на Тоше. „Парастосот ќе се одржи во 6.20 часот, точно во времето на трагичната несреќа. В недела, во конаците на манастирот „Св. Преображение“ во Крушево ќе биде организирана и манифестацијата „Вешта жена“ на која ќе учествуваат 300 жени кои ќе подготвуваат торти со ликот на Тоше, а собраните средства ќе одат за доизградба на манастирот“, вели Андреј Николоски, директор на меѓународната фондација „Тоше Проески“, која се грижи за зачувување на неговиот лик и дело и наедно ги организира и координира сите активности поврзани со неговото име.
На пат за Крушево се веќе и 18 маратонци кои тргнаа од Нова Градишка во четвртокот во 6.20 часот и кои ќе истрчаат 1.100 км. Стартуваа од пред спомен-обележјето „Тоше Проески“, што минатата година беше поставено пред Електротехничкото училиште, местото од каде пред четири години беа пренесени посмртните останки на Проески. Маратонците ќе ја минат рутата која Тоше ја минуваше на кобниот ден. Нивна прва станица е белградска „Арена“, денеска се очекуваат во Скопје (плоштад „Македонија“), а в недела ќе пристигнат во Крушево. „Традиционално, четврти пат по ред напладне ќе пристигнат 18 маратонци што ќе му оддадат почит на Тоше на неговото вечно почивалиште“, ни потврди и Николоски. Покрај вештите жени и маратонците ќе му оддадат почит на Тоше, но и од Здружението на занаетчии на РМ, кои в недела ќе донираат мермерна вазна тешка 250 кг, која ќе биде поставена на гробното место.
„Морам да им оддадам и признание на обожавателите на Тоше, особено на оние од поранешните југословенски простори кои преку контакти со Фондацијата не' информираат за сите работи поврзани со ликот и со делото на Тоше. Морам да ја потенцирам нивната коректност и ангажираност во една цел: продолжување на аманетот на Тоше“, додава Николоски, кој е презадоволен и од функционирањето на Спомен-куќата на Тоше во Крушево. „Имајќи предвид дека Спомен-куќата работи само пет месеци, посетеноста од над 100.000 посетители е навистина импозантна, но во исто време и не ме изненадува ако се има предвид големината на самиот Тоше и неговите дела кои ќе сакаат да ги видат и слушнат уште голем број идни генерации“.
А, токму во Спомен-куќата, во петокот (14 октомври), се одржа поп-арт хепенинг во чест на Тоше, додека истиот ден во соработка со Општината Нова Градишка беше организиран и концерт во чест на македонската легенда на кој учествуваа македонската група „Леб и сол“, Ламбе Алабакоски, кој исполни неколку нумери од Тоше и хрватската поп-рок група „Русвај“. „Имајќи предвид дека ваков концерт се одржува по вторпат, се надеваме дека со понатамошна поддршка од Општината ќе стане традиционален“, додаде Николоски.
СПЕЦИЈАЛНА ЕМИСИЈА ЗА ТОШЕ НА РТС
Во недела (16 октомври) на првата програма на РТС, со почеток во 21 часот, ќе биде емитувана специјална емисија под насловот „Балкан - сеќавање за Тоше“. Емисијата се подготвуваше четири месеци, а на едно место ќе собере повеќе големи музички имиња од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија, БИХ и од Црна Гора. Песните на Тоше ќе ги изведуваат неговите колеги и пријатели, кои, како што изјави организаторот, без двоумење ја прифатиле поканата и со задоволство учествувале во реализација на проектот. Во придружба на големиот симфониски оркестар на РТС песните на Тоше ќе ги пеат Аки Ракимовски, Марија Шерифовиќ, Тони Цетински, Антонија Шола, Борис Режак... Дел од двочасовната програма ќе биде и документарниот материјал снимен во Крушево.